Претседателот и Владата на Косово го осудија убиството на Ивановиќ

Архива: Косовската Влада.

Претседателот на Косово Хашим Тачи остро го осуди убиството на лидерот на иницијативата „Слобода, демократија, правда“ (СПД), Оливер Ивановиќ, повикувајќи ги надлежните што поскоро да ги расветлат околностите за убиството и сторителите да ги изведат пред лицето на правдата.

Остра осуда за убиството на Ивановиќ пристигна и од Владата на Косово која истакна дека насилство е неприфатливо без оглед од кого доаѓа и против кој е насочено.

„Владата на Косово смета дека чинот на убиството на Оливер Ивановиќ го доведува во предизвик владеењето на законите и воспоставувањето ред на целата територија на Косово.“

Од косовската Влада ги повикуваат граѓаните на соработка со надлежните органи во расветлувањето на случајот, а од безбедносните органи се бара сторителите на злосторството да се изведат пред правдата.

Ивановиќ беше нападнат со огнено оружје во 8 и 15 часот пред неговата канцеларија во Северна Митровица. Косовското обвинителство соопшти дека врз него било пукано од автомобил во движење, по што напаѓачот побегнал и дека по него се трага.