Собранието го ратификуваше Договорот за добрососедство со Бугарија

Архива: Собранието на Република Македонија.

Собранието на денешната 30 седница го ратификуваше Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија. Со 61 глас „за“ и еден воздржан пратениците го изгласаа Предлог-законот за добрососедство со Бугарија, а во работата на Парламентот не учествуваа пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Договорот беше потпишан на 1 август 2017 година од страна на премиерите на двете земји Зоран Заев и Бојко Борисов, како што беше речено, поради зацврстување на меѓусебните пријателски односи, унапредување на добрососедството и развивање на сестрани меѓусебни односи согласно меѓународното право.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров рече дека е факт оти тешки и деликатни прашања меѓу две соседни држави многу тешко се договараат и дека “ниту ние, ниту во Бугарија целосно сме среќни со текстот.“ Димитров посочи дека договорот е значаен поради тоа што двете страни се охрабриле „да излезат од рововите, особено во регионот кој е оптоварен со историја, и дека е важно што тој дава извесна самодоверба во општеството.