ЕК: Реформите да бидат највисок приоритет на Западен Балкан

Лого на Европската комисија.

Европската комисија (ЕК) во моментов работи на два документи кои се однесуваат на Западниот Балкан, првиот е новата Стратегија која треба да биде претставена во февруари, додека за април е планиран редовниот годишен извештај за напредокот кој ќе биде пресек на состојбата во сите земји во процесот на евроинтеграцијата и препораките на ЕК, како и за секоја земја одделно, изјави портпаролката ЕК Маја Коцијанчич.

Од ЕК велат дека во 2018 година ќе има уникатна шанса за неповратно приближување на Западен Балкан кон ЕУ, но за тоа да го постигнат земјите од регионот мораат да им дадат највисок приоритет на реформите во областа на владеењето на правото, правосудството и основните права.

Овие теми ќе бидат на дневен ред во петок кога во Софија европските комесари ќе разговараат со бугарските претставници за приоритетите на бугарското претседателство со ЕУ. Официјална Софија порача дека во текот на шестмесечното претседавање нејзин приоритет ќе биде токму напредокот на Западниот Балкан.