Четири казни на Град Скопје за палење на отворено

Архива: Поглед од Водно на западниот дел на градот Скопје. 04.11.2017

Град Скопје во изминатиот месец изрече четири казни за палење отпад, две на физички, две на правни лица, информираат градските власти наведувајќи оти дејствуваат превентивно со изрекување опомени за палење на отворено во рамки на мерката за справување со загадувањето на воздухот каде граѓаните можат да пријават на телефонската линија 193.

„Инспекторите на Град Скопје во моментов се излезени на терен и вршат вонредни и зачестени контроли, а последниот извештај вели дека засега нема казнети бидејќи не констатирале отстапување од пропишаните услови“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека инспекциските служби на Град Скопје во текот на 2016 година извршиле по две контроли на сите 29 инсталации регистрирани во Скопје, односно вкупно 58 контроли во ноември и декември и по извршените контроли се констатирани неправилности кај една фирма на која и е изречена казна.

Во текот на 2017 година во истиот временски период инспекциски служби исто така извршиле по две контроли на 31 инсталација во Скопје и констатирале дека сите фирми ги задоволуваат законски пропишаните услови.