Заев: Можно е името да се реши до средината на 2018 година

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев изјави дека е можно спорот за името да се реши преку компромис до крајот на првата половина на 2018 година, при што постои подготвеност кај двете страни суштински да навлезат во решавање на проблемот. Тој во интервју за порталот МКД.МК потенцира дека никој од него не побарал промена на имиња на патишта или аеродром. Според него, двете страни мора да направат отстапки, а со тоа да создадат придобивки, за на крајот да си подададат рака и да се видат како партнери под европското знаме. Заев порачува дека за прашањето ќе бараат национален консензус, учество и согласност од политичките фактори и од граѓаните.

„Мојот оптимизам го темелам на основа на тоа што го чувствувам како подготвеност од грчка страна, и преку средбите со Коѕијас, но и од разговорот што го имав со премиерот Ципрас и како генерална оцена на политичката фела во Грција. Драго ми е што е подобрен имиџот на Македонија во Грција. Верувам дека ќе можеме со целосно зачувување на нашиот дигнитет да најдеме решение“, вели Заев.

Според него, сѐ уште не е дојден моментот да се разговара по предлози, но очекувано е да има чести сесии, за наоѓање решение на проблемот со името.