Повикот на САД за Иран со различни реакции во ОН

Американскиот амбасадор во ОН, Ники Хејли

Повикот на САД за поддршка на протестите во Иран наиде на различни реакции во ОН, при што некои од сојузниците на земјата го покренаа прашањето дали меѓународна интервенција би била оправдана.

Американскиот амбасадор во ОН, Ники Хејли ја отвори итната седница на Безбедносниот совет на ОН со молба за иранските демонстранти, посочувајќи дека тие ги ризикуваат нивните животи за да ги остварат своите права со тоа што ја критикуваат власта во потрага по подобар живот. Според неа, иранскиот режим е во центарот на вниманието, а светот ќе гледа што тој прави. Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензија изјави дека САД ја злоупотребуваат платформата на Советот за безбедност со лажен изговор да се мешаат во внатрешните работи на една земја членка.

Претставниците на Кина, Шведска и Боливија и други земји исто така ја изразија својата резервираност за тоа дали советот е правото место на кое треба да се дискутира за протестите.