Православните христијани го слават Бадник

Архиепископот на МПЦ гг. Стефан на прославата на Бадник во 2013 година во соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје.

Православните христијански верници во Македонија денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово - Божик. Бадник традиционално ќе биде одбележан со собир пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Манифестацијата ќе почне со бадниковата химна и со кревање на бадниковото знаме.

Свештениците од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ ќе ги осветат нафората, чајот и ракијата, како и бадникарските гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно, а кои ќе им се делат бесплатно на присутните.

Присутните граѓани ќе имаат можност да ги пречекаат стариот кум Радко Манов со преодниот пехар, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, новиот кум Влатко Огненовски-Шеф со погачата со златна паричка и здравичарот Стефан Хаџи Николов-Штеф. Потоа тие ќе се упатат во Соборниот храм каде ќе се одржи свечен чин на осветување и кршење на погачата од страна на архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, кој ќе одржи традиционална беседа, по што сите заедно ќе дојдат на бината каде ќе продолжи свеченоста. Рано изутрината Рождеството Христово го најавија децата коледарчиња.