Скопјани и натаму дишат високо загаден воздух

Архива: Виско ниво на аерозагадување во Скопје.

Високи концентрации на загадувачи во воздухот во Скопје се измерени во деновите во новата 2018 година. Мерните станици во сите скопски општини покажуваат повеќекратно надминување на дозволените граници на среднодневната вредност на честичките ПМ10 од 50 микрограми на метар кубен.

Во населбата Лисиче деновиве загадувањето достигна ниво од над 600 микрограми ПМ10 честички на метар кубен, во Карпош и Гази Баба над 400, во Центар над 300 микрограми. Во вакви услови, Владата и Град Скопје неодамна донесоа одлука дека ќе активираат мерки и препораки кои ќе траат до намалување на загадувањето, односно кога во два последователни дена ќе се измерат концентрации над 200 микрограми на најмалку две мерни станици.

Најголемите извори на загадувањето се затоплувањето на домаќинствата, индустриските и енергетските компании, сообраќајот, депониите и урбанизацијата, чии емисии според научните докази убиваат над 1.350 жители на Македонија на годишно ниво, а кај десетици илјади граѓани предизвикуваат различни болести на дишните патишта, белите дробови, срцето и друго.