Словенија ги предупреди хрватските рибари во Пиранскиот Залив

Архива: Пиранскиот залив.

Словенечката полиција денеска предупреди два хрватски рибарски брода дека се наоѓаат во недозволени води во Пиранскиот Залив, откако со арбитражна одлука тој дел од морето и припадна на Словенија.

Двата брода биле придружувани од хрватската полиција кога дошол словенечки глисер, предупредувајќи ги дека се наоѓаат во словенечки територијални води. Потоа словенечката полиција се вратила во матичното пристаниште Пиран, а хрватските рибари во Савудриска вала.

Словенечките власти најавија дека од сабота ќе почнат со еднострано симплементирање на арбитражната одлука за границата со Хрватска, по шестмесечниот рок за нејзина подготовка.

Претходно, Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска упати дипломатска нота до Словенија повикувајќи ја да не ја применува арбитражната одлука за разграничувањето на море и копно меѓу двете држави што Хрватска не го признава.

Премиерите на Словенија и на Хрватска Миро Церар и Андреј Пленковиќ на минатонеделниот состанок во Загреб не се договорија за решавање на граничниот спор, но порачаа дека треба да се избегнуваат инциденти.