Анѓушев: Решение за загадувањето е дејствување врз изворите

Проблемот со загадувањето треба да се реши со дејствување врз изворите, а не врз последиците, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев одговарајќи на пратенички прашања во Собранието. Тој рече дека анализите покажуваат дека најголем извор на загадувањето е загревањето во зимските месеци, потоа автомобилите, додека индустријата е на трето место, додавајќи дека мора да се измени начинот на греење со ќумур, дрва и гуми, а оти гасификацијата би бил многу важен чекор.

За транспортот Анѓушев рече дека треба да се најде начин како да се субвенционираат електричните автомобили и на гас, додека во индустријата според него не треба да има толеранција во делот на издувните гасови додавајќи дека во РЕК Битола имало сериозен проблемсо договор од 2012 година кога биле реконструирани котлите, а не се мислело на екологија.

„Уште поголем проблем е што не се постигнати перформансите од енергетски аспект што требало да се постигнат, а се потрошени 65 милиони евра. Ова ќе биде еден од најголемите предизвици за разрешување, а нормално тука веројатно ќе следи и судски спор и институциите ќе си завршат својата работа во делот на одговорноста“, рече Анѓушев.