Кадрите на Алијанса за Албанците ја напуштаат Владата

Зијадин Села.

Функционери во владата од партијата на Зијадин Села си поднесуваат оставки. Од Алијансата за Албанците велат дека тоа се должи на тоа што им се нарушил договорот што го имале со премиерот Зоран Заев.

Односите меѓу владините партнери се зоастрија околу прашањето кој кадар да го пополни испразнетото министерско место за здравство, откако од таа функција си замина кадарот на Алијансата, Арбен Таравари, за да биде градоначалник на Гостивар. Откако не помина предлогот на Села за министер, тој изјави дека ќе бидат дел од Владата се додека не се гласа за законот за употреба на јазиците.

Од Алијансата најавија дека ќе ги поддржат законите и реформите неопходни за членство во НАТО и во ЕУ.

Премиерот Зоран Заев запрашан за оставките на замениците-министри од Алијансата за Албанците, рече дека потегот е очекуван, откако Села не ја прифати понудата за вицепремиерско место за реформи во Владата. Премиерот вели дека нема да се брза со разрешување на кадри во институциите, како од претходната власт така и од Алијанса за Албанците.