Мицкоски е новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Со 376 гласови за, Христијан Мицкоски е избран за нов претседател на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Од присутните 438 делегати, гласале 428. Од избројаните, 52 ливчиња се неважечки. Мицкоски беше и единствениот кандидат на шеснаесетиот Вонреден конгрес на партијата. Во своето обраќање пред јавноста и делегатите, тој изјави дека да се биде претседател на ВМРО-ДПМНЕ е голема чест и задоволство.

“Сега е време да станеме заедно, ВМРО го очекува тоа од нас, а државата го бара тоа од нас. Потребен е нов елан и нова енергија.Ова што сега го гледаме не е ниту светлина, ни надеж, туку темнина и разочарување”, рече Мицкоски и додаде:

“Мојата визија за Македонија е земја на среќни граѓани. Силна економија со домашно стопанство и крупни инвестиции. Земја со стабилен бруто домашен производ. Граѓаните заслужуваат подобро здравство. Корупцијата, политичките притисоци и одмазда мора да станат минато. Правичноста е најважна. Мора да растат платите на граѓаните.Во надворешната политика планот 3-6-9 нема резултат. Деветката ќе дојде, тројката не ја ни почнавме. Младите ја губат перспективата. Македонија е се подалеку од ЕУ,” рече меѓудругото Мицкоски.

Претходно Никола Груевски доби плакета за почесен претседател на партијата. Тој во својот говор пред партиските соработници истакна дека партијата го започнува походот кон новата победа и враќање на власт. Груевски рече дека жали што конгресот партијата е истовремено нападната однадвор, но и под внатрешен притисок и неразбирлива реакција од неговите членови.

“ Останав цврст и стабилен и при најтешките удари, и тешко ми паѓа кога преку ноќ ќе видам вакво однесување на мои блиски соработници кои се наоѓаат под притисок,” рече Груевски.