Општина Гевгелија не дозволува геолошки истражувња на Кожуф

Архива: Падините на планината Кожуф, на патот од Гевгелија до скијачкиот центар.

Општина Гевгелија во законски рок негативно ќе му одговори на Министерството за економија на барањето за доделување концесија за вршење детални геолошки истражувања на металични минерални суровини во регион на планината Кожуф, кој зафаќа делови од териториите на општините Гевгелија и Кавадарци.

Вака одлучија советниците на општина Гевгелија на денешната седница, на барањето кое до општината пристигнало на 15 декември за мислење за трансформација на веќе доделена концесија за проспекциски истражувања во концесија за детални геолошки истражувања, на што советниците одговорија негативно.

Граѓаните на Гевгелија оваа година на референдум се изјаснија против отворање на рудници на територијата на општината.

За оваа одлука гласаа и советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои по оваа точка од дневниот ред ја напуштија седницата на општинскиот Совет во знак на протест за притворените од настаните на 27 април.