ВМРО-ДПМНЕ: СЈО работи надвор од закон и по наредба на Заев

Архивска фотографија-седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

Специјалното јавно обвинителство работи надвор од закон, a Катица Јанева и нејзините обвинители единствено што почитуваат се политичките нарачки од „хунтата на Зоран Заев за пресметка со неистомислениците“, рече попладнево Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

На прес-конференцијата тој обвини дека СЈО биле извршители на Заев во како што рече, обидите да се замолкне секој што мислел поинаку и што можел да се спротистави на антидржавните политики кои во моментов се реализирале.

„Во моментов ДИК е во оставка, а Зоран Заев најавува промена на името во исто време кога од Грција доаѓаат најави за предлозите кои ги давал Заев, но и за проширување на опсегот на употребата на новото име.Во вакви околности, кога практично не постои институција која би го реализира евентуалниот референдум за прашањето за името, СЈО по наредба на Зоран Заев тргнува во офанзива монтирајќи нови случаи, надвор од законските овластувања, против членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ во обид да ги заплаши и пасивизира“вели Костовски.

СЈО денеска соопшти дека поведуваат седум нови истраги за 17 лица меѓу кои поранешни министри, пратеници, државни функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.