Граѓанскиот сектор бара поголама вклученост во контролата над полицијата

Македонска полиција, МВР.

Вклученоста на невладините организации и на Народниот правобранител е недоволна и тие се без прецизни овластувања во предложените законски измени за контролата на полицијата и на агенциите за разузнавање, истакнаа денеска граѓанските организации кои дебатираа за предложените реформи на МВР и воспоставувањето на Граѓанскиот совет за контрола. Но, според претставници од МВР предложените измени се во ред, наведувајќи дека сите вклучени страни ќе имаат контрола.

Според Зоран Билбиловски од канцеларијата на Народниот правобранител недоволно е решението во предложениот закон за контрола врз полицијата и агенциите за безбедност, каде се вели дека Народниот правобранител може да презема дејствија од аспект на човековите права. Според него треба да се даде обврска институциите како Собранието да соработуваат со Омбудсманот.

Снежана Арсовска од МВР истакна дека по сугаестија на меѓународните експерти во предложениот закон за реформи во системот за прислушување и контрола на полицијата и агенциите се прави разлика што е надзор, а што е контрола.

„Има утврдено кој во државата врши надзор, а кој врши контрола и се прави разлика. Надзор врши Собранието на РМ преку Комисија, Советот за граѓански надзор, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Народниот правобранител.“