Милитанти го нападнаа разузнавачкиот тренинг центар во Кабул

Авганистанските безбедносни сили за време на нападот во кабул. 18.12.2017

Авганистанското Министерство за внатрешни работи соопшти дека вооружените милитанти нападнале делумно изградена зграда во близина на разузнавачкиот тренинг центар во Кабул, при што предизвикале интензивни борби со безбедносните сили.

Портпаролот на Министерството Наџиб Даниш денеска изјави дека напаѓачите влегле во зградата во близина на тренинг центарот на Националната дирекција за безбедност која е главната агенција за безбедност на Авганистан лоцирана во областа Афшар во Кабул.

Даниш рече дека целта на нападот на милитантите бил тренинг центарот, според извештаите во областа се слушале истрели и експлозија. Се уште нема информации колку милитанти биле вклучени во нападот, а нема извештаи и за жртви. Ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот.