Грчката црква не сака бугарската да се меша во МПЦ

Илустрација: Грчки свештеници

Светиот синод на Грчката православна црква, на состанокот одржан во четвртокот, ја разгледал одлуката на Бугарската православна црква (БПЦ) да преземе улога на мајка црква на „расколничката црква на Македонија“, објави грчкиот православен сајт romfea.gr.

Светиот синод на ГПЦ, како што стои, навел дека „одлуката на црквата на Бугарија претставува мешање во надлежностите на друга црква, што е спротивно на светите правила и канонското право и игнорирање на улогата на Вселенската патријаршија“.

„Светиот Синод е загрижен за фактот што БПЦ со нејзините активности се меша во надлежностите на друга православна црква, односно во Црквата на Србија, постапка која е спротивна на светите правила и традицијата на црквата. Светиот Синод посакува да преовлада претпазливост и одлуката на бугарската сестринска црква да не биде конечно спроведена“, соопштуваат од Светиот синод на ГПЦ, пренесува romfea.gr.

Синодот на Бугарската православна црква минатиот месец едногласно одлучи да преземе обврска „да посредува и да се залага пред помесните православни цркви, преземајќи сè што е неопходно за воспоставување канонски статус на МПЦ“. Претходно МПЦ-ОА побара од бугарската да ѝ биде црква-мајка ако ја признае нејзината автокефалност.