Ветеринарната комора го осуди труењето животни

Улични кучиња.

Ветеринарната комора на Македонија денеска најостро го осуди расфрлувањето отрови за труење кучиња и побара системско решение и поголема вклученост на медиумите, откако граѓани расфлуваат отрови за труење животни бидејќи пред неколку дена во Скопје ротвајлер нападна и искаса луѓе.

Оттаму апелираат до сопствениците на домашни миленици, како клучни актери за продуцирање и за решавање на проблемите, дека одговорното сопствеништво на домашен миленик е регулирана обврска, а не прашање на личен избор.

„Сочувствуваме со повредените и нивните семејства и ја разбираме вознемиреноста на граѓаните, но најостро ги осудуваме постапките на расфрлање отрови и труење животни. Ваквото неодговорно и нехумано однесување не само што воопшто нема да го реши проблемот, туку претставува и потенцијална опасност да настрадаат покрај животните и луѓето, пред се децата“, наведува Комората.

Во однос на труењето на кучињата, денеска и скопскиот градоначалник Петре Шилегов изјави дека неодговорното однесување на поединци за фрлање на материи опасни по здравјето е несовесен и нецивилициран чекор и апелираше граѓаните да споделат информации за фрлен отров.