Сегашни и поранешни членови на ВМРО-ДПМНЕ од Битола бараат оставка на раководството на партијата

Неодамнешни претседатели на месни комитети на ВМРО-ДПМНЕ и други сегашни и поранешни членови на партијата од Битола, попладнево ќе се обратат пред Општинскиот Комитет барајќи оставка на локалното раководство, Извршниот Комитет и лидерот Никола Груевски поради слабите резултати на локалните избори.

Дел од нив за „Радио Слободна Европа“ велат дека населби кои во Битола традиционално важеле за бастиони на ВМРО-ДПМНЕ како Горно и Долно Оризари, Јенимаале, Боримечка, Стрчин, Црн Мост, Тепсија, каде ВМРО- ДПМНЕ победувало и кога биле во опозиција, сега за првпат освоиле помалку гласови од СДСМ. Воедно, додаваат дека пред избори биле променети и претседатели на одредени месни комитети во Битола.

Од Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ велат дека не се известени за настанот, но со оглед на тоа што пресот ќе се одржи на улица, се работи за неовластени лица.