Притвор за 13 осомничени за насилствата во Собранието, шестмина во домашен притвор

Актерот Владо Јовановски и оперскиот пејач Игор Дурловски во Собранието на 27 април

Судот им одреди притвор од 30 дена на 13 осомничени за насилствата во Собранието на 27 април, а шестмина добија домашен притвор.

Според иницијалите за луѓето на кои им е одреден притвор може да се препознаат поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и организаторите на протестите „За заедничка Македонија“, оперскиот пејач Игор Дурловски и Богдан Илиевски, кој сега е член и на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Домашен притвор им е определен на режисерот Борис Дамовски и на актерот Владо Јовановски.

Тие имаат право на жалба 24 часа по приемот на решението за притвор.

Судот побара од Собранието да го укине имунитетот за шестмина пратеници кои исто така се осомничени за насилствата – Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски и Љупчо Димовски.

Обвинителството побара приведување на 36 луѓе осомничени за насилствата, но во судот беа донесени 24 луѓе.

„За останатите лица кои се опфатени во предлогот, а не беа спроведени пред судијата на претходна постапка, судот сè уште нема добиено известие за причините поради кои не е постапено по наредбите за нивно приведување“, се наведува во денешното соопштение од судот.

Тие се сомничат за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.