Уставниот суд го укина Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната

Уставниот суд на денешната седница со мнозинство гласови го укина Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната. Судиите констатираа дека Законот е уставно проблематичен и затоа треба да биде укинат.

“Содржаните правила и критериуми во ова законско решение наметнати на судиите при одмерување на висината на казната да се под контрола на Комисијата за воедначување на казнената политика, чии членови ги избира Собранието на РМ, не е во согласност со уставната определба за самостојноста и независноста на судовите. Не може законодавната власт да се наметнува над судската власт,” сметаат од Судот.

Со Законот се уредуваше одредувањето на видот и одмерувањето на казната, договарање за видот и висината на казната меѓу јавниот обвинител и обвинетиот во рамки на спогодувањето, како и формирањето, составот, мандатот и надлежностите на Комисијата за воедначување на казнената политика. Одлуката за укинување на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, што беше донесен во 2014 година, ќе стапи во сила по нејзиното објавување во Службен весник.