Изречена и осмата доживотна казна затвор за „Диво Насеље“

Засилени безбедносни мерки пред Кривичниот суд - Скопје пред објавувањето на пресудата за Диво Насеље на 3 ноември 2017

Основниот суд Скопје 1 денеска ја изрече и последната пресуда за случајот „Диво насеље“. Доживотна казна затвор му е изречена за Сулејман Османи од село Брест, еден од организаторите на насилствата во кумановско Дива Насеље во мај 2015 година во кои загинаа осуммина припадници на македонските безбедносни сили.

Сулејман Османи од село Брест во судница со рацете правеше двоглав орел, а по пресудата и аплаудираше на судијката. На излегување од судница порача дека оваа казна претставува казна за седум милиони Албанци и извика „да живее УЧК“.

„Нема никакви докази дека обвинетиот извршил кривични дела тероризам и терористичка организација. Може да стане збор за кривично дело поседување оружје, не е спорно дека бил на местото на настанот, но нема кривично дело тероризам. Ако не е повреден цивил, а во овој случај напротив цивилите биле гостопримливи и ги повикале обвинетите, тогаш не постои тероризам“, изјави адвокатот Насер Рауфи.

На Османи му се судеше во посебна постапка за разлика од останатите 37 обвинети во овој случај, бидејќи тој една година не беше достапен за органите на прогонот, односно беше во Косово. По неговата екстрадиција му се судеше во издвоена постапка.

Судот оцени дека обвинетиот е виновен за учество во терористичка организација и тероризам поради што го осуди на доживотен затвор.

Од судот најавија дека по објавувањето на пресудата, јавноста ќе може да ги види доказите кои произлегуваат од посебните истражните мерки, кои до сега се чуваа во тајност, со што ќе се оттргнат сите шпекулации кои кружеа изминативе години.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Во тензична атмосфера изречени пресудите за Диво Насеље

Судот вчера на казна доживотен затвор осуди седуммина обвинети за терористичкиот напад во кумановско Диво Насеље, а 13 обвинети добија казна од 40 години затвор.

На казна затвор од 20 години се осудени петмина обвинети, две години помалку доби еден обвинет, а по двајца обвинети добија казна затвор од 14, 13 и 12 години. Четворица од обвинетите, пак, беа ослободени од одговорност.

На 9 и на 10 мај 2015 година, во кумановско Диво насеље вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и од посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група.