Владата не се повлекува од соопштението по средбата на Заев со рускиот амбасадор Шчербик

Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски во изјава за МИА вели дека Владата својот став за средбата меѓу премиерот Зоран Заев и рускиот амбасадор Олег Шчербик го искажала во вчерашното соопштение до јавноста.

Руската амбасада денеска реагира дека владиното соопштение „не претставува сосема коректен одраз на одделни оценки кои беа изнесени за време на разговорот од страна на амбасадорот на Русија“. Во реакцијата објавена на нивната Фејсбук страна, руската амбасада реагира дека „текстот на посоченото соопштение не е усогласен со руската страна“.

Сепак, амбасадата не прецизира точно кои оценки не биле коректно пренесени.

Бошњаковски во изјава за МИА вели дека владата „нема пракса да усогласува став во врска со соопштенија од ваков вид средби“.

Во вчерашното владино соопштение се наведува дека „рускиот амбасадор ја поздрави енергичната посветеност на премиерот Заев и неговиот голем придонес кон демократските процеси што ја движат Македонија напред“.

„Исто така, амбасадорот Шчербак изрази почитување кон искрените и конструктивни политики на премиерот Заев и на Владата, коишто водат кон евроатлантски интеграции на Република Македонија, но и унапредување на односите со другите држави на полиња од заеднички интерес за граѓаните на земјите и за мирот во светот“, се наведува во вчерашното владино соопштение.