Грујевски и Бошкоски не сакаат екстрадиција во Македонија

Поранешните високи службеници во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои вчера беа уапсени во Солун, побарале да не бидат екстрадирани во Македонија, оти, како што рекле, се плашат за своите животи. Тие денеска беа изведени пред Обвинителството во Солун каде ги отфрлиле обвинувањата против нив, пренесуваат грчите медиуми. Уапсените тврделе дека нивните животи се загрозени од високи функционери во Министерството за внатрешни работи. Беглаците за кои во Македонија е одреден притвор, се пожалиле дека се жртви на политички прогон.

Двајцата поранешни службеници во УБК се обвинети од Специјалното јавно обвинителство во случаите „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“ за уништување на опремата за прислушување.

Претходно Министерството за внатрешни работи соопшти дека добиле известување од Интерпол – Атина, дека Бошкоски и Грујевски се приведени во Солун, по што тоа известување е пратено и доМинистерството за правда, кое треба да ги достави сите потребни документи за екстрадиција.