Ирачки безбедносни извори велат дека нејзините елитни сили ја презеле контролата врз зградата на провинцијата во центарот на градот без судири.
Ирачката влада, пак, соопшти дека нејзините трупи исто така го зазеле аеродромот Киркук и ја презеле контролата врз нафтената компанија во северен Ирак од безбедносните сили на автономниот курдски регион, познати како Пешмерга.
Самиот град Киркук остана под контрола на Курдите, а силите Пешмерга биле распоредени на улици и мостови, меѓутоа патиштата кои водат во и надвор од градот биле под контрола на силите на Багдад.
Премиерот Хајдар ал Абади рече дека операцијата е неопходна за „заштита на единството на земјата“ три недели откако курдските власти одржаа референдум за независност во нивниот автономен регион и околните области, вклучувајќи го и градот Киркук.
Курдските власти соопштија дека жителите главно се изјаснија за независност на референдумот, кој Багдад го осуди како нелегален. Курдските безбедносни сили најавија дека Багдад ќе плати „голема цена“ за влегувањето во Киркук.
„Излегов од џамијата и дојдов тука да земам оружје за да ја одбранам нашата чест, ќе се борам до последната капка крв. Ќе се бориме до смрт“.
„Како граѓани на Киркук, ветуваме дека ќе се бориме до последната капка крв во одбрана на градот. Ние ќе се бориме до смрт и ќе ја спречиме валканата шиитска милиција да влезе во Киркук“, велат граѓаните.
Разговорите за кризата на 15 октомври не успеаја да го решат спорот, бидејќи курдските лидери ги отфрлија барањата на владата на Багдад да го отфрлат резултатот од референдумот.
Курдските сили Пешмерга ја презедоа контролата врз поголемиот дел од провинцијата Киркук во 2014 година, кога милитантите од екстремистичката група Исламска држава го освоија северен Ирак.
Богатата провинција на североистокот на Ирак во која живеат околу милион луѓе е спорна област бидејќи се наоѓа надвор од автономниот курдски регион, таканаречениот ирачки Курдистан, но е под контрола на Курдите.
Ирачката влада и Курдите се во долготраен спор околу делењето на приходите од нафтените полиња во Киркук.