СДСМ најави водство и извесна победа во над триесет општини

„После долго време се гласаше слободно и без притисоци. Промените започнати во декември, продолжуваат и на локално ниво“, рече пратеничката од СДСМ, Ивана Туфегџиќ вечерва на прес – конференција во партиското седиште во Скопје.

„СДСМ и коалицијата имаат водство и извесна победа во прв круг во Аеродром, Берово, Битола, Богданци, Босилово, Бутел, Валандово, Вевчани, Велес, Гевгелија, Градско, Дебарца, Делчево, Дојран, Ѓорге Петров, Карбинци, Карпош, Кочани, Крива Паланка, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Неготино, Ново Село, Охрид, Струмица, Центар, Василево, Делчево, Кривогаштани... “, рече таа.

Туфегџиќ вели дека предност СДСМ и коалицијата имаат во скопска Кисела Вода, Демир Хисар, а неизвесно е во Штип.

На градскиот плоштад во Куманово победа слави кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ, Максим Димитриевски заедно со кандидатите за советници. А се славеше и во скопски Центар. Кандидатот за градоначалник од СДСМ за општина Карпош, Стефан Богоев, вечерва изјави дека со задоволство му го честита поразот на Стевчо Јакимовски, најавувајќи ревизија на финасиското работење на општината.