Прекршочни за Елвис Бајрам и за учесниците во тепачката

Градоначалникот на Шуто Оризари, Елвис Бајрам, е повреден во тепачка меѓу две групи.

Министерството за внатрешни работи поднесе прекршочни пријави за градоначалникот на Шуто Оризари, Елвис Бајрам и за уште седум луѓе, кои учествувале во инцидентот кој се случи на 2 октомври. Тие се осомничени за нарушување на јавен ред и мир со тепачка, соопштија на денешната прес-конференција во МВР. Бајрам кој е кандидат за градоначалник и на овие избори од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, по тепачката беше пренесен во болница со повреда на главата.

Од МВР велат дека инцидентот во Кичево, кога беше застрелан носителот на независната советничка листа во тој град Алит Абази е расчистен и дека не станува збор за изборен инцидент, туку за пресметка за приватни работи.

Полицијата за случајот со пожарот во семејната куќата на кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров, Владо Мисајловски, рече дека најверојатно се работи за неправилно изведен оџак. За случаите со искршени партиски штабови во ова предизборие, од МВР велат дека ги истражуваат инцидентите.