САД не ги признаваат резултатите од курдскиот референдум

Референдумот за независност во ирачкиот автономен курдски регион на 25-ти септември, 2017.

Соединетите Американски Држави не ги признаваат резултатите од референдумот за независност што се одржа во ирачкиот автономен курдски регион на 25-ти септември.

Државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, преку соопштение вели дека резултатите од референдумот „немаат легитимност“. Тој вели дека САД изразуваат поддршка за обединет, демократски и просперитетен Ирак.

Тилерсон, исто така, ги повика сите страни, вклучувајќи ги и ирачките соседи, да ги отфрлат едностраните дејствија и употребата на сила.

Ирачките Курди со големо мнозинство гласаа за независност на референдумот. А Багдад одговори со тоа што ги намали директните воздушни врски на регионот со надворешниот свет.

И францускиот претседател Емануел Макрон се понуди да помогне во посредувањето меѓу Багдад и курдскиот регион. И тој ги повика сите страни да избегнат понатамошни ескалации на тензиите.