Заев: Перспективите ни се на дланка, од нас зависи

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека сите држави, пријатели на Македонија, сакат да ја видат земјата просперитетна.Тој информирајќи за престојот и активностите на владината делегација на 72. Генерално собрание на ОН во Њујорк посочи и дека отворени се вратите за соработка со светот. Според него, останува да се спроведат реформите од Планот 3-6-9.

„Перспективите ни се на дланка, од нас зависи“, рече Заев.

На прес-конференцијата во Владата на која присуствуваше и министерот без ресор задолжен за дијаспората Едмонд Адеми, Заев нагласи и дека Македонија има подадена рака да продолжи по патот на прогресот. Заев посочи и дека идната пролет ЕУ ќе дискутира за проширување и давање шанса на земји од Западен Балкан за почеток на преговори.

„Ние би сакале Македонија да биде една од земјите која ќе ги почне преговорите. Сето тоа најавува, дека до тој период, до средината на 2018 година, логично и нормално е да очекуваме нови идеи од медијаторот Метју Нимиц на кои македонската и грчката страна ќе разговараат и ќе даваат свои коментари, ќе преговараат за се што е во функција на изнаоѓање решение за името“, истакна Заев.

Сите официјални средби меѓу македонската и грчката страна, според него, само во насока на помош за решавање на прашањето за името. Но, како што посочи Заев, не е навлезено во разговори за суштествени прашања поврзани со проблемот.