Холандија бара поништување на пресудата за Сребреница

Меморијалниот центар Поточари во Сребреница

Холандската влада побара од Врховниот суд на земјата да ја поништи пресудата на Апелацискиот суд во Хаг со која Холандија е прогласена за „делумно одговорна“ за смртта на 300 Бошњаци во Сребреница во 1995 година. „Не се согласуваме со мислењето на судиите дека холандските мировници на ОН постапиле противзаконски и не сфаќаме како Судот донесе таква одлука, изјави портпаролот на холандското Министерство за одбрана“, Клас Мејер. Во јуни годинава, Апелацискиот суд во Хаг ја потврди пресудата на првостепен суд од 2014 година, во која се наведува дека холандските мировници „требало да знаат дека Бошњаците ќе бидат убиени доколку ги натераат да ја напуштат базата на ОН“. Станува збор за случај од јули 1995 година, кога холандски војници од составот на мировните сили на ОН принудија околу 300 Бошњаци од Сребреница да ја напуштат нивната база во Поточари, по што тие беа убиени од страна на припадници на силите на босанските Срби.