ВМРО-ДПМНЕ со Тарчуловски во Кисела Вода, за Центар се уште нема

Архивска фотографија-пратеникот Јохан Тарчуловски во собрание

Пратениците Јохан Тарчуловски и Зоран Илиоски се кандидати од ВМРО-ДПМНЕ за градоначалници на Кисела Вода и Битола, објави денеска на прес-конференција пратеникот Емил Димитриев. Меѓу 37 кандидати кои тој ги објави денеска се и Дарко Костовски за општина Бутел, актуелниот градоначалник Илчо Захариев за Штип, за Кочани Ратко Димитровски, за Ресен Ѓоко Стрезовски, актуелниот градоначалник Иван Франгов за Гевгелија, за Дојран Борче Стамов, за Крива Паланка исто така актуелниот градоначалник Арсенчо Алексовски, а меѓу новите имиња е Митко Тилев кандидат за градоначалник на Охрид. Димитриев не објави кој е нивниот кандидат за општина Центар. Денеска на полноќ истекува законскиот рок за поднесување на кандидатските листи за локалните избори.