Кривична пријава за велешкиот градоначалник Славчо Чадиев

СВР Велес поднесе кривична пријава против Славчо Чадиев, актуелен градоначалник на Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ кое го сторил додека бил претседател на Совет на општина Велес на тој начин што го прекршил Деловникот за работа на општината 62. седница одржана на 11 јуни 2012. Тој, како што соопшти МВР, претходно симнатата точка 6 од Дневниот ред, поднесена од градоначалникот на општина Чашка – „Предлог-Одлука за пренесување на правото на сопственост на недвижен имот од општина Велес на општина Чашка“, побарал по итна постапка повторно да биде вратена на Дневниот ред без да ја образложи итноста,

“Спротивно на Деловникот за работа на Советот на општина Велес, претседателот С.Ч. веднаш предложил по итна постапка поставување на дневен ред нова точка – Предлог-одлука за пренесување на правото на сопственост на недвижен имот од општина Велес на општина Чашка. Притоа, од страна на членови на Советот на претседателот му укажале за свесно кршење на Деловникот. Занемерувајќи го мислењето на одредени членови и наведувајќи дека не се работи за истата точка затоа што сега предлагачот бил друг, тој дозволил расправа по таа точка, а подоцна и донесување на Одлука по неа. Одлуката во Службен весник на Република Македонија била објавена на 16 јули 2012 година,” се наведува во сооштението од МВР.

По донесената одлука за пренесување на правото на сопственост на синдикалното одморалиште Горно Врановци од Општина Велес на Општина Чашка, општина Чашка веднаш го огласиле за продажба со почетна цена 29.745.155 денари.