Средба Заев - Коѕиас: Владата фокусирана на добрососедски односи

Премиерот Заев се сретна со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас. 31.08.2017

Македонскиот премиер Зоран Заев денеска оствари средба со грчкиот министер за надворешни рабори Никос Коѕиас, на која како што е наведено, во пријателска атмосфера изразиле определба за продлабочување на довербата меѓу Македонија и Грција, низ принципиелни односи и меѓусебна грижа за интересите на двете држави и на нивните народи, информираат од Владата.

Заев изјави дека иднината на регионот е само преку позитивен пристап во решавањето на отворените прашања меѓу државите, со меѓусебно почитување и разбирање. Тој потенцираше дека новата Влада е фокусирана на развивање добрососедски односи, на европските вредности што се имплементираат низ отпочнатиот рефорсмки процес временски дефиниран во Планот 3-6-9, како и на активностите важни за членството во НАТО. Заев рече дека ако Република Македонија се придвижи напред, тоа ќе биде добро и за целиот регион.

Коѕиас истакна дека ја поддржуваат земјата во евро-атлатските аспирации, дека сакаат стабилност во регионот и дека во Македонија гледаат добар сосед.

„Ние припаѓаме на мирољубиви држави. Република Грција нема геополитички и геостратешки интереси кон вашата земја. Отворени сме за ефикасно затворање на проблемите, кои некогаш може да значат и недоразбирања, преку респектирање на интересите на двете држави“, рече Коѕијас.

Претходно средба со Коѕиас оствари и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи. Тој истакна дека дел од темите на средбата биле градењето меѓусебна доверба и воспоставување блиски и пријателски односи како основа за решавање на проблемите и Планот 3-6-9 во насока на деблокирање на процесот на евроатланската интеграција на Македонија.