Договорите со странските инвеститори на увид на јавноста

Портпарол на Влада на Македонија, Миле Бошњаковски

Владата на вчерашната седница донесе одлука за декласифицирање на договорите со странските инвеститори за доделување државна помош. За седум дена Генералниот секретаријат треба да изготви листа на државните институции кои склучувале вакви договори по што точно ќе се знае колкав е бројот на договорите, кој ги склучувал и кој ги класифицирал како информации недостапни за јавноста.

„На седницата исто така се задолжијат Агенцијата за странски инвестиции и Техничко- развојните индустриски зони, како и сите други министерства и државни органи, кои се создавачи на вакви информации, истите да бидат декласифицирани. Во рок од седум дена, Генералниот секретаријат на Владата треба да изготви листа кои институции имаат подготвено вакви договори за државна помош на странски инвеститори. Сите кои се класифицирани, согласно вчерашната одлука, ќе бидат декласифицирани од интерес на јавноста“, изјави владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.

Генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицковски денеска на прес-конференција рече дека ваквата одлука ќе предизвика несигурност и незадоволство кај постоечките инвеститори и ќе одврати многу странски компании да инвестираат во Македонија.