Шилегов: Разрешувањето на Зврлевски прв чекор кон независно судство

Пратеникот на СДСМ Петре Шилегов.

Пратеникот од СДСМ Петре Шилегов денеска во Собранието изјави дека разрешувањето на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски го означува почетокот на реформите во судството, кои што ќе донесат правда и правичност за сите. Според него ова е прв чекор кон создавање независен и професионален судски систем, наспроти селективната правда и монтираните судски процеси што ги инсталираше раководството на ВМРО-ДПМНЕ

"Македонија на последните парламентарни избори гласаше за промени, гласаше за правда, гласаше за правичност, гласаше за систем во кој што сите ќе бидеме еднакви пред законот. Тие промени се случуваат независно од тоа што раководството на ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-ДПМНЕ до последен здив се обидуваат да ги спречат, со единствена цел токму тоа партиско раководство да не одговара за криминалите што ги има направено во еднодецениското владеење.Нема веќе „сваровски“ судии, нема веќе кривични процеси по нарачка, нема веќе закани, нема веќе сеење страв", рече Шилегов по денешната собраниска седница на која беше изгласано разрешувањето на Зврлевски.

Тој дополни дека реформите во судството, што се предвидени со Акцискиот план 3 - 6 - 9, ќе обезбедат правосуден систем кој ќе биде еднаков и правичен за сите.