По Николовски и Царовска, ВМРО-ДПМНЕ со интерпелација и за Димитров

Архивска фотографија - Пратеникот Антонијо Милошоски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со уште една иницијатива за интерпелација, овојпат за министерот за надворешни работи Никола Димитров. Пратеникот до ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски на прес-конференција во Собранието, рече дека клучните причини за ваквото барање се: Договорот со Бугарија, тоа што Александар Николовски не е именуван за амбасадор во Брисел и немањето јасен став за прашањето за бегалците.

Претходно опозициската партија поднесе иницијатива за интерпелација за министрите за земјоделство Љупчо Николовски и за труд и социјала Мила Царовска.

СДСМ во пишана реакција оцени дека со поднесената интерпелација за министерот за надворешни работи Никола Димитров, ВМРО-ДПМНЕ останува заробена во минатото и политиките на поделби, изолација, раздор и конфликти со што продолжува да работи на штета на државните и интересите на граѓаните.

Според СДСМ, залудни се сите обиди на ВМРО-ДПМНЕ преку неиздржани интерпелации да се обидуваат да ја држат Македонија во изолација и да ги кочат реформите што носат добро за сите граѓани.