Николовски - Опожареното дрво не смее да се става во промет

Архивска фотографија - Прес-конференција на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски

Министерството за земјоделство забранува целосно движење во шумите, без оглед на нивната намена. Забраната започнува да важи од денеска и ќе трае се до нејзино отповикување. Оваа одлука не важи за вработените во ЈП „Македонски шуми“ и субјектите кои управуваат со заштитените подрачја од сите категории (Национални паркови, Парк шуми, шуми со специјална намена споменици на природата и сл).

Министерот Љупчо Николовски вели дека опожареното дрво не смее да се става во промет. Тој денеска го посети опожарениоттерен во скопското село Моране.

Министерот, кој е и член на Управувачкиот комитет за управување со кризи, вели дека за гаснење на пожарите се ангажирани и Армијата на Република Македонија, хеликоптерите на АРМ, еден хеликоптер од Бугарија и уште еден од Турција.

Од Дирекцијата за заштита и спасување соопштија дека се уште се активни пожари на неколку локации во земјата. Активен е пожарот во Моране и пожарот во атарот на селото Требовље, кој сега е префрлен во месноста викана Фојник и оди кон село Близанско. Во скопското село Радуша гори нискостеблесна шума. Пожарот оди преку сртот кон селото Бојане, општина Сарај. Во општина Чашка, на планински предел во селата Лисец и Јаболчиште активни се авионите на Дирекцијата за заштита и спасување. На планинскиот предел во селото Дреново, велешко, активен е шумски пожар на непристапен терен за гасење.

Кај селото Копанце, тетовско, гори сува трева по сртот на планината Жеден и не е зафатена шума. Во атарот на село Гургурница гори сува трева и пасишта, но постои можност да зафати и дел од високата шума. Пожарот е дојден од страна на Македонски Брод и горат пасишта. Пожарот се шири кон селото Корито, општина Гостивар.

ДЗС информира дека под контрола се ставени неколку пожари. Ставен е под контрола пожарот во атарот на село Девич, месноста викана Попец Под контрола е ставен и пожарот во селото Растеж, каде беше запалена сува трева и лисната постилка од борова шума. Под контрола е шумскиот пожар во селото Богомила, општина Чашка. Ангажирани се осум вработени и авионите од Дирекцијата за заштита и спасување.