Османи: Потребен е натпартиски консензус за Планот 3-6-9

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи изјави дека е потребен наднационален и надпартиски консензус, како и кохабитација на институционално ниво за ефективно спроведување на реформите предвидени со владиниот План 3-6-9 кој треба да помогне во деблокирање на евроинтеграциите на земјата.

Тој информира дека во тој контекст е и денешната средбата со претседателот на државата Ѓорге Иванов. Османи и Иванов разговарале за мерките од Планот 3-6-9 во коишто одредени надлежности има и претседателот, пред се во делот на кохабитацијата, во делот на именувањата, разузнавачките служби, мигрантската криза, но разговарале и за меѓуетничките и меѓусоседските односи.

Во соопштението од Секретаријатот за европски прашања се вели дека Омсани побарал поддршка од претседателот Иванов за законот за употребата на јазиците.

"Меѓу другото, особено внимание посветив на експликација на делот од Планот поврзан со меѓуетничките односи, т.е. новиот предлог закон за употреба на јазиците. Покрај поддршката и за останатите мерки од Планот 3-6-9, од Претседателот Иванов побарав поддршка и за новиот закон за употреба на јазиците", истакнал Османи, се наведува во соопштението, и нагласува дека Османи очекува поддршка за новиот закон за јазиците и од опозициската ВМРО–ДПМНЕ, со што би се постигнал политички и меѓуинституционален консензус за ова важно прашање.