Санкции за препродавачите на билети за Суперкупот

Архивска фотографија - Арена Филип Втори.

Собранието попладнево едногласно ги донесе предложените измени и дополнувања на Кривичниот законик со кој се предвидуваат воведување санкции за фалсификување и нелегално продавање билети за Супер купот на 8 август годинава во Скопје. Законот беше предложен по скратена постапка од страна на четири пратенички групи.

Како што образложи еден од потписниците на предлогот, Томислав Тунтев, измените и дополнувањата се заради усогласување со правилата за успешна организација на овој настан, а за да се спречи фалсификување и нелегална продажба на билетите, а поради тоа што досега не било законски утврдено.

Илија Димовски, од ВМРО-ДПМНЕ, кој е еден од потписниците на предлогот, рече дека ќе ги поддржат измените и истакна дека секој предлог што е корисен ќе биде поддржан од опозицијата, а кон се она што е штетно ќе имаат, како што рече, поинаков однос.

Собранието на Република Македонија претходно работеше по точките од дневниот ред од 5 седница, на која се расправаше по Извештајот за работата на Агенцијата за администрација.

Продолжение на седницата ќе биде дополнително закажано.