ЕУ гледа нов почеток за реформите во Македонија

Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, министерот за надворешни работи Никола Димитров, шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи во Брисел

Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини по состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу претставници на ЕУ и Македонија, изјави дека гледа нов почеток и силна заложба за реализација на потребните реформи во Македонија. По двочасовниот состанок на кој покрај Могерини, присуствуваа и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, како и министерот за надворешни работи Никола Димитров и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, беше изразено задоволство од новите сигнали кои доаѓаат од Скопје. Могерини и Хан ја поздравија заложбата за решавање на отворените прашања со соседите, односно со Бугарија и со Грција.

Состанокот се одржува по пауза од две години. Минатата година не беше одржан поради политичката криза.