Македонија и Бугарија постигнаа основа за компромис

Архивска фотографија-делегации од Македонија и Бугарија предводени од премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов на средба во Софија

Постигнавме база за компромис околу договорот за пријателство со Бугарија, а следниот чекор е информирање на владите во двете земји и други потребни внатрешни консултации, велат од македонското министерство за внатрешни работи по дводневните консултации со колегите од Бугарија. Од министерството не откриваат повеќе детали.

Од бугарското министерство за надворешни работи,пак, на нивната официјална интернет страница, денеска информираа дека делегации на двете министерства предводени од бугарската шефица на дипломатијата Екатерина Захариева и нејзиниот македонски колега Никола Димитров имале дводневни консултации, за како што пишуваат, проектот за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави.

“Разговорите кои се одржаа во Бугарија, поминаа во конструктивна атмосфера. Постигната беше база за компромис. Следниот чекор е пристапување кон консултации и внатрешни процедури” наведуваат и од бугарското министерство.

Премиерот Зоран Заев на 20 јуни беше во Софија каде што се сретна со неговиот бугарски колега Бојко Борисов. По средбата двајцата изјавија дека договорот меѓу двете земји е речиси при крај и дека останува уште мал дел да се договори што ќе се надминело на ниво на министерства за надворешни работи. Нивните очекувања се договорот би можел да биде потпишан на 2 август.

Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ постојано инсистира на транспаретност и бара да го види договорот со соседната земја, обвинувајќи го премиерот дека го криел договорот затоа што со него се правела штета на државата и граѓаните.

Разговорите меѓу делегации од Софија и Скопје за постигнување на договор траеја со години, а досега имаше 11 консултации.