НАТО се враќа поангажирано во Авганистан

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

НАТО испраќа дополнителни сили во Авганистан

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека членките на Алијансата се согласиле да испратат уште војници во Авганистан. Тие треба да ги обучуваат и да работат заедно со авганистанските безбедносни сили.

Столтенберг говореше по состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел на кој, како што рече, 15 земји веќе ветиле дека ќе учествуваат со повеќе војници и опрема во трениниг мисијата во Авганистан.

„Значи, денес повторно ја потврдуваме нашата трајна посветеност на Авганистан. Ние ќе ја задржиме Мисијата за поддршка по 2017 година како четиригодишен патоказ за Авганистан за решавање на клучните воени недостатоци. Нашите воени власти побараа уште неколку илјади војници за мисијата, а денес можам да потврдам дека ќе го зголемиме нашето присуство во Авганистан“, рече тој.

Столтенберг додаде дека зголемувањето на силите не значи дека НАТО повторно ќе се бори против талибанските и екстремистичките групи во Авганистан, две години откако Алијансата ги заврши воените операции во таа земја.

Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис, пак, изјави дека Соединетите Држави и сојузниците во НАТО по се изгледа, како што рече, пребрзо го намалиле нивното големо присуство во Авганистан.

Тој притоа вети дека сојузниците ќе останат ангажирани во Авганистан, но одби да каже до кога би траело тоа.

„Никогаш не влегувате во истиот поток двапати. Со тоа мислам дека она што светот го правеше пред 15 години не е она што го прави денес. Гледајќи наназад, постои консензус дека можеби сме ги извлекле нашите војници премногу брзо. Го намаливме бројот малку пребрзо, но разликата денес е што авганистанската војска всушност може сама да се бори“, рече тој.

Соединетите Држави сега во Авганистан имаат многу помалку сили од 2011 година кога имаа најмногу, односно околу 100 илјади војници. Тогаш Вашингтон беше под огромен домашен политички притисок да ја повлече скапата операција.