Владата ја обвини ФФМ - „Сопки околу одржувањето на Суперкупот“

Генералниот секретар на македонската Влада Драги Рашковски. 24.06.2017

Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски изјави дека Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) седум дена го чувала последниот извештај од забелешките на УЕФА за состојбата на Арената „Филип Втори“ во Скопје, каде треба да се одржи натпеварот од Суперкупот.

Тој истакна дека Суперкупот сепак ќе се одржи во Скопје, како што вели, и покрај сите сопки што се прават внатрешно од некои структури. Рашковски рече дека Владата го добила извештајот на 22 јуни и веднаш го задолжила Генералниот секретаријат да ги преземе сите потребни активности за да се исполнат сите услови за Суперкупот да се одржи во Македонија.

„Се прашуваме што правела ФФМ седум дена и зошто навреме не го пратила извештајот и дали има искрени намери Суперкупот да се одржи во Скопје или ги прави работите да изгледаат покомплицирани за после тоа да се докажуваме чија била вината“, рече Рашковски.

Главни забелешки на УЕФА за состојбата на стадионот, рече Рашковски, се немањето клима уреди, простор за стационирање на репортажни возила, инфраструктура за интернет мрежа и пристап до интернет согласно капацитетот на стадионот, планови за евакуација и друго, за што е побарана алокација на 120 милиони денари за да може да бидат завршени сите работи.

Рашковски нагласи дека ФФМ веќе има добиено гратис карти од УЕФА за Суперкупот во Скопје и праша што мисли Федерацијата да прави со нив и каде и на кого ќе ги додели.