Коѕиас ќе го кани Димитров на средба во Атина

Шефот на грчката дипломатијата Никос Коѕиас

Шефот на грчката дипломатијата Никос Коѕиас планира да го покани новиот македонски министер за надворешни работи Никола Димитров на средба во Атина за да се разговара за можностите за интензивирање на македонско-грчката соработка. Коѕиас ова го најави вчера во Атина по неговата средба со хрватскиот министер за надворешни работи Давор Иво Штирер, коментирајќи дека веќе неколку пати разговарал со Зоран Заев и забележувајќи дека со новата македонска влада треба да се разговара и за тоа како креативно и преку компромис да се надминат проблемите од минатото.

„За нашиот северен сосед е важна унитарноста, интегритетот и стабилноста и сите соседни држави треба да придонесат да се обезбеди подобра иднина за самата држава. Нашиот став, со кој не се согласуваат сите, е дека решението на спорот за името на креативен и демократски начин, ќе придонесе и ќе ја олесни идната перспектива на оваа држава“, изјави Коѕиас.

Грчкиот шеф на дипломатијата изрази надеж дека ќе успее да се најде решение за проблемите, како дека двете страни ќе ги развијат врските и соработката преку спроведување на мерките за градење доверба.