Нимиц: Приоритет на новата влада да биде решавање на спорот за името

Медијаторот Метју Нимиц

Решавањето на спорот за името треба да биде високо на агендата на новата влада, порачува специјалниот претставник на Обединетите Нации и медијатор во спорот за името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц.

Во интервју за грчкиот весник „Риал њуз“, Нимиц потенцира дека очекува да се формира нова влада во Македонија за да започнат сериозни разговори за решавање на проблемот кој постои меѓу Македонија и Грција. Решението на овој спор, според него, ќе помогне да се решат и други проблеми во регионот.

„Мандатот кој го имам за решавање на спорот за името на БЈРM е клучот кој ќе ја отвори вратата за да се решат и други спорни проблеми во регионот“, вели Нимиц.

Медијаторот потенцира дека се опасни и погрешни било какви разговори и идеи за менување на границите, особено на границите на Балканот. Во интервјуто упатува апел и до Албанците во Македонија да бидат лојални граѓани и да работат во насока на демократско решавање проблемите.

Официјалните преговори за спорот за името веќе подолг период се на стенд бај поради политичката криза во Македонија и политичките и финансиските проблеми во Грција. Нимиц во едно претходно интервју за грчките медиуми најави дека штом се формира влада во Македонија, тој планира да ги реактивира преговорите меѓу двете страни и да го интензивира обидот за наоѓање решение за спорот за името.