Убиени и ранети во експлозија на концерт во Манчестер

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Најмалку 22 загинати во експлозија на концерт во Манчестер

Британската полиција соопшти дека најмалку 22 луѓе биле убиени, а околу 59 ранети во експлозија пред арената во Манчестер. Се верува дека станува збор за бомбаш самоубиец.

Сведоци изјавија дека слушнале голема експлозија околу 21 часот и 45 минути по локално време во моментот кога луѓето излегувале од Манчестер Арената каде што американската поп пејачка Аријана Гранде имала концерт.

Една од сведоците за Ројтерс изјави дека по експлозијата сите почнале да бегаат и оти настанала хаотична ситуација.

„Излегувавме од концертот низ вратите, но бевме на погрешна врата и и реков на сестра ми да одиме на други врати. Одејќи натаму слушнав експлозија, по што почнавме да трчаме до хотелот. Слушав врискање, луѓето плачеа, насекаде сите трчаа. Комплетно лудило“, раскажува таа.

Полицијата во Манчестер, потврдувајќи дека во експлозијата имало загинати и ранети, соопшти:

„Во моментов ова се третира како терористички инцидент се додека не се потврди спротивното“, соопшти полицијата.

Новинската агенција Ројтерс јавува дека двајца американски официјални претставници рекле дека првичните сигнали упатуваат на бомбаш самоубиец. Оваа информација не е потврдена од британските власти.

Доколку се потврди дека станува збор за тероризам, тоа ќе биде најсмртоносниот напад во Британија од јули 2005 година кога четворица британски муслимани убија 52 луѓе во самоубиствени напади во метрото и во јавниот транспорт во Лондон.

Аријана Гранде на Твитер изрази жалење за инцидентот.

Манчестер Арената, која е отворена во 1995 година, е најголема затворена сала во Европа со капацитет од над 20 илјади луѓе.

Британија се наоѓа на второто ниво на тревога што значи дека се можни вакви терористички напади.

Исто така Британија се наоѓа во кампања пред парламентарните избори закажани за 8 јуни.

Извори блиски до кабинетот на премиерката Тереза Меј најавија дека таа би можело да ги прекине изборните активности, но не прецизираа на колку време.