За Германија забелешките на Иванов за Алтхаузер се неумесни

Германското Министерство за надворешни ги оценува како „неумесни“ забелешките на претседателот Ѓорге Иванов кон амбасадорката Кристине Алтхауезер. Во соопштението што го пренесе Амбасадата во Скопје,германското МНР ја поздрави одлуката на македонскиот претседател Ѓорге Иванов да го додели мандатот за формирање влада.

„Се радуваме што претседателот Иванов по долго размислување дојде до вистинска одлука и се откажа од ставот на блокирање. Обвинувањата упатени кон германски дипломати и други пријателски држави се неумесни. Како што е познато, проценките кои ѝ се пренесуваат на земјата-домаќин, секогаш се договараат во тесна координација меѓу Министерството за надворешни работи и Амбасадата, се наведува во соопштението од МНР на Германија.

Ваквата реакција следува по вчерашното интервју на Иванов во кое остро ја нападна амбасадорката Алтхаузер, обвинувајќи ја дека шири „лажни вести“ и дека канцеларката Ангела Меркел му се извинувала поради тоа, без при тоа да наведе кога и каде се случило тоа.

Иванов во интервјуто оцени дека нивото на германската амбасадорка е „навреда за земјата“. Повод, пак, за таквата оценка на Иванов беше соопштението на официјален Берлин во кое се поздравува доделувањето на мандатот, но и се критикува Иванов поради тоа што дозволил да мине толку време пред да му го додели мандатот на парламентарното мнозинство.