Макрон инаугуриран за претседател на Франција

Макрон се сретна со претседателот во заминување Франсоа Оланд.

Емануел Макрон денеска беше инаугуриран за претседател на Франција, на свечена церемонија во Елисејската палата во Париз.

Претходно Макрон се сретна со претседателот во заминување Франсоа Оланд. Тие зборувале за државните работи, вклучително и за пристапот до кодовите за лансирање на нуклеарнитепроектили.

Со 39 години, Макрон е најмладиот претседател на Франција. Тој е поранешен министер за економија и банкар.

Новиот француски претседател се соочува со серија предизвици, како што се справувањето со високата стапка на невработеност, борбата против тероризмот и обединувањето на поделената земја.

„Тоа ќе биде бавна работа, која ќе бара моногу, но е неопходна“, рече Макрон во својот говор.

Тој на изборите на 7 мај ја победи лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен, освојувајќи66 проценти од гласовите.