Макрон: ќе и служам на Франција со понизност и љубов

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Макрон: Франција ќе го брани духот на светлината

Новоизбраниот претседател на Франција Емануел Макрон во победничкиот говор изјави дека ќе и служи на неговата земја со понизност, сила и љубов. Тој на вчерашните избори доби 66 насто од гласовите, пред кандидатката на крајната десница Марин Ле Пен.

Триесет и девет годишниот Макрон се појави пред неколку илјади приврзаници пред музејот Лувр во Париз со химната на Европската унија „Ода на радоста“.

Тој притоа вети дека ќе стори се французите да немаат причина да гласаат за екстремните опции.

„Европа и светот очекуваат од нас да го браниме духот на светлината кој е под закана на толку многу места. Тие очекуваат да ја браниме слободата насекаде, да ги заштитиме угнетените. Тие очекуваат да донесеме нова надеж, нов хуманизам“.

Макрон кој беше придружуван од неговата сопруга Брижит оцени дека на Франција и претстои огромна задача во обезбедувањето парламентарно мнозинство со цел да се направат неопходните промени за иднината на земјата.

„Ќе ви служам со понизност, со сила. Ќе ви служам, останувајќи верен на републиканските принципи „Слобода, еднаквост и братство. Ќе ви служам со верност на довербата што ми ја укажавте. Ќе ви служам со љубов. Да живее Републиката. Да живее Франција“.

На центристот Макрон му требаа само три години од непознат владин советник да стане најмлад претседател на Франција од Наполеон.

Неговиот избор всушност ја донесе долгоочекуваната генерациска промена во француската политика каде што со децении доминираа две партии.

Валед Итсаид од Париз вели: „Ова е нешто ново за Франција, убедени сме и мислам Франција го направи вистинскиот избор“.

Со него се согласува Полин Вернер: „Прекрасно е да се види дека французите се уште се способни да изберат проевропски претседател“.

Победата на Макрон е и своевидно избегнување на бранот економски и политички национализам што помогна во Британија да победи Брегзитот, а во Соединетите држави Доналд Трамп.

Макрон веднаш по објавувањето на резултатите доби честитки од Трамп, како и од германската канцеларка Ангела Меркел, од шефовите на Европската унија Жан Клод Јункер и Доналд Туск и од британската премиерка Тереза Меј.

Поразената Марин Ле Пен го призна неуспехот, најавувајќи дека повторно ќе се врати во нејзината партија, Националниот фронт.

И покрај изборниот пораз таа во вториот круг доби 35 насто од гласовите, што е нов рекорд за крајната десница во Франција.