Чавков: Употребата на сила можеше да предизвика жртви

Директорот на бирото за јавна безбедност Митко Чавков

Директорот на бирото за јавна безбедност Митко Чавков на денешната прес конференција изјави дека изјави сите вчера биле сведоци на немили настани и инциденти во Собранието кога бил нарушен јавниот ред и мир, при незаконското влегување на толпа луѓе во законодавниот дом. Полицијата, според него, немала сознанија за насилни настани и протестите ги обезбедувале како и секој ден..

„Досега оперативниот штаб немаше регистриран инцидент. Немаше дојава за инцидент, затоа полицијата стандардно со ист број на полицајци го обезбедуваше Собранието. За жал по завршувањето на седницата се случија инциденти кои предизвикаа револт кај граѓаните. Какви биле проценките на тие што го планирале сценариото не знаеме, но очигледно тоа ги зголеми безбедносните ризици. Треба време и анализа зошто тие што стоеја зад сценариото тоа го реализираа после 18 часот кога знаат дека тогаш се случуваат протестите. Имаше обиди полицијата да го спречи влезот на масата луѓе, но употребата на сила можеше да предизвика жртви. Полицијата почна со употреба на сила кога беше неопходна интервенција и кога беше загрозена безбедноста на лицата внатре со цел нивна евакуација. Откако тоа се случи полицијата започна со увид и идентификација на осомничените. Истрагата ќе продолжи и ќе се утврдува одговорноста на сите инволвирани“, рече тој.

Некоректно, според него, е нивното дејствување да се политизира особено од Министерот за внатрешни работи, а на лидерот на СДСМ, Зоран Заев му порача дека цела кариера ја поминал служејќи на државата и работел професионално во полза на Македонија и граѓаните затоа, како што рече, не може да го заплашат заканите и од него и од криминалните структури со кои тој е во спрега.